Здружение на преведувачи и толкувачи на РС Македонија
Предавачи на конференцијата
НИКОЛА ДИМИТРОВ
Потпретседател на Владата на Република Северна Македонија, Секретаријат за европски прашања
Никола Димитров е вицепремиер за евроинтеграции на Република Северна Македонија. Тој е македонски политичар и дипломат, кој беше министер за надворешни работи од 31 мај 2017 година до 30 август 2020 година. Беше и заменик министер за надворешни работи во 2000 година, како и македонски амбасадор во САД, а потоа и во Холандија.
ДАГ ЛОРЕНС
Независен експерт за превод
Даг Лоренс, поранешен говорник на конференциите на ЗПРМ, има над 25 години искуство во индустријата на преведување, работејќи преводи и во софтверски компании. Како независен консултант, Лоренс одржувал обуки за продажба на преведувачки услуги во речиси 50 земји. Работел и како консултант за извозни политики во владата на Обединетото Кралство, помагајќи им над 1000 извозници да го остварат своето присуство на меѓународниот пазар. Вонредно предава и на магистерските студии за превод на Универзитетот Астон, а на Универзитетот Ворик на студиите за еБизнис. Тој е и водечки британски експерт за ISO TC/37 како и за стандардите 17100 и TBX. Како со-основач на „Happy Spark Enterprises“, Лоренс е врвен авторитет кога станува збор за продажба преку социјалните медиуми во САД и во светот.
РЕНАТО БЕНИНАТО
Извршен директор, Nimdzi Insights
Генерален директор и со-основач, со децениско богато
искуство како меѓународен консултант за истражување на
пазарите, продажба и маркетинг. За својата компанија Nimdzi
креира стратегии и политики за да ги исполни потребите на своите меѓународни клиенти.
ЕСТЕР БОНД
Директорка на истражувачкиот оддел на Slator
Има завршено постдипломски студии за превод и толкување, а дипломирала на француски јазик и лингвистика. Во почетокот на кариерата работи како раководител на тимовите за превод и софтвер во Лондон и Луксембург. Во Slator доаѓа во 2018 година како шеф на истражувачкиот оддел каде што се занимава со изработка на извештаи и производи за јазичната индустрија, врши истражувачки и советодавни услуги на партнерите на Slator во однос на преведувачката технологија, јазичната индустрија, финансирањето и друго.
АМБАСАДОР ДЕЈВИД ГИР
Шеф на Делегацијата на Европската Унија
во Северна Македонија
Пред неговото назначување на позицијата Шеф на Делегацијата на Европската унија во Северна Македонија, амбасадорот Гир беше шеф на Одделот за санкции при Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), заменик претставник на ЕУ во Палестина и Газа, заменик шеф на ЕЕАС одделот за Магреб, одговорен за унапредување на односите на ЕУ со државите од Магреб и координатор на тимот на Европската Комисија/ЕЕАС за
односите на ЕУ со Украина, Белорусија и Молдавија. Има магистрирано меѓународно право на Лондонската школа за економија. Зборува англиски, француски, холандски и руски јазик. Роден е во Велика Британија, а има белгиско државјанство.
МЕРИТ-ЕНЕ ИЛЈА
Генерален директорат за превод, Европска
комисија
Мерит-Ене Илја е директор во Генералниот директорат за превод (ГДП) на Европската Комисија и е одговорна за седум од 24-те јазични одделeнија (шпански, ирски, хрватски, унгарски, летонски, холандски и словенечки). Одговорна е и за технологијата, како што се CAT алатките и базата на податоци со преведувачка меморија Еурамис, која се користи во преведувачкиот систем на ГДП. Од 2011 до април 2013, била шеф на Одделот за професионален и организациски развој во ГДП. Од 1995 година, таа е дел од раководството за преведување, а во нејзина надлежност беше и преводот на европското „acquis communautaire“ на естонски јазик пред нејзината земја да стане членка на ЕУ. Била и раководител Одделот за естонски јазик при Советот на ЕУ од 2004 до 2008 година и на естонското јазично одделение при Генералниот директорат за превод од 2008 до 2011 година.
Има и академско искуство како предавач на Универзитетот во Тарту, каде што предавала од 1984 до 1995 година.
ХАВИЕР ЕРНАНДЕЗ САСЕТА
Генерален директорат за толкување, Европска комисија
Хавиер Ернандез Сасета е шеф на Одделот за повеќејазичност и образовен развој при Генералниот директорат за толкување на Европската комисија (SCIC), кадешто главно работи на односите помеѓу универзитетите кои обучуваат конференциски толкувачи.
Има работено како главен толкувач во шпанската кабина 15 години. Во 2020 година, беше назначен за координатор за толкување во тек на шпанското претседавање со ЕУ, а во 2011 година беше назначен за Помошник на генералниот директор за толкување. Одговорен е за организација и претседавање со поважни и поголеми настани, како што се на пример, Годишните универзитетски конференции на SCIC, на кои секоја година учествуваат бројни универзитети, студенти, претставници на академските кругови и меѓународни организации.
АНА ПОПОВА МАНАСИЕВСКА
Претседателка, ЗПРМ
Ана Попова Манасиевска, претседателка на ЗПРМ од 2020 година и член на МАТА од 2013 година. Има завршено македонски и англиски јазик, магистер по конференциско толкување, хонорарен преведувач и толкувач.
МИЛАН ДАМЈАНОСКИ
Раководител на студиите од втор циклус по конференциско толкување, Филилошки Факултет „Блаже Конески“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј.“
Милан Дамјаноски е раководител на студиите од втор циклус по конференциско толкување кои се организирани во соработка со Генералниот директорат за толкување на ЕУ и вонреден професор по англиска книжевност и конференциско толкување на Катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески.“ Во рамките на својата работа ги предава предметите Англиска книжевност, Теорија на преведување и толкување и Конференциско толкување.
Понатаму, во последните 20 години има богато искуство како професионален толкувач и книжевен преведувач на студиите. Има соработувано со голем број на меѓународни и домашни институции, како што се: УНДП, ИНИЦЕФ, ЕУ, Светска Банка, Влада на Република С. Македонија, Струшките вечери на поезијата и многу други. Милан Дамјаноски е член е на уредувачкиот одбор на меѓународното книжевно списание „Блесок’.
СЛАЃАНА АНГЕЛОВА
Раководителка на одделение, Секретаријат за Европски прашања, Влада на РСМ
Слаѓана Ангелова работи во Секторот за подготовка на националната верзија на правото на ЕУ (acquis) од 2005 година како Раководител на одделението за јазична ревизија и терминологија, каде што управува со процесот на координација, преведување и јазчина ревизија. Ангелова, покрај раководната функција, е квалификувана за превод и јазична ревизија на правото на ЕУ, работи како терминолог и администратор на терминолошката база МултиТерм, учествува во изработка на голем дел од поимниците од специјализирани области, како и на Прирачниците за превод и јазична ревизија на правото на ЕУ, националното законодавство и други документи од важност за евроинтегративниот процес.